Во општата болница во Велес повторно е ставен во функција апаратот за компјутерска томографија, кој не работеше една година. Апаратот во болницата беше набавен во 25 мај 2011 година.

Министерот за здраство Венко Филипче денеска ја посети Велешката болница и соопшти дека направил увид во состојбата на ова одделение и разговарал со вработените за нивните потреби и барања.

- Велес по пуштањето на Ургентниот центар ќе стане Регионален ургентен центар со целосна дијагностика со што ќе се покријат сите потреби на пациентите од Велес, од околината и поширикиот регион на Повардарието. Во изминатата година сите пациенти од овој регион за компјутерско снимање се препраќаа во Штип и Скопје што претставуваше отежнување на пациентите и потежок пристап до самата услуга, рече министерот Филипче.

Тој информира дека со директорот на болницата Митко Стровјанов разговарале за набавка на нова опрема, а од рендгенолошката служба денеска добил барање за магнетна резонанса. Појасни дека за ова барање сериозно ќе разговараат за негова набавка бидејќи целиот Повардарски регион нема ваков апарат.

- Оваа служба ќе работи 24 часа и ќе дава исто толку часовна рендгенска служба потребна за изведување на овие дијагностички процедури за пациентите од целиот Повардарски регион, потенцира Филипче.

На новинарско прашање за тоа дека лекарите од него побарале апарат за ехо на дојка, Филипче рече дека со оглед на тоа што ова е болница во која работат пет рендгенолози и доволен број на рендген техничари кои се експерти во својата струка и имаат знаење во таа област, Министерството за здравство е во постапка за набавка на неколку такви апарати.

- Станува збор за два такви проекти од кои еден е преку Италијанската амбасада и едниот е донација од државна институција, така што оваа болница ќе добие таков апарат, најави министерот Филипче.

Директорот на Општата болница Велес Стровјанов информира дека во болницата, на приземјето, се работи на тоа пациентите да добијат прва проценка за нивната здраствена сотојба, а тука се наоѓа Одделот за рендген дијагностика.

- Во фунција е ставена и новата водоводна инсталација која исто така е многу значајна бидејќи цевките беа стари над 50 години и дневно во болницата губевме над 60 тони питка вода. Направиме и европски тип на шалтер за пријава и одјава на пациентите, појасни Стровјанов.

Тој информира дека има апаратура за минимална инвазивна ендоскопска уролошка интервенција. Најави дека во Велешката болница има можност наскоро да се изведуваат операции за вградување на вештачки колкови и операции од трауматологија и ортопедија, како и артоскопиите на колено, рамен зглоб и скочен зглоб.

- Нашите стратешки планови треба да се совпаднат со можностите на болницата и со набавката на нова апаратура, но во рамки на нашиот буџет ги правиме сите промени што ќе значат доближување и достапност на пациентите до сите услуги што ги дава болницата, рече Стровјанов.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2018 11:35