Пет генерации студенти Роми, кои минале или се уште се дел од програмите на Ромскиот образовен фонд (РЕФ) и „Ромаверзитас“ ќе се соберат на генерациска средба во Битола. Од утре и во наредните три дена, во хотел „Молика“, тие ќе дебатираат на тема „Потенцијалот на Ромите во Република Македонија“.
Генерациската средба е насочена кон истакнување, задржување и унапредување на потенцијалот на учесниците за водство, влијание и промени согласно со стратешките интереси на Ромите. Генерациската средба е за најпосветените, најмотивираните и најамбициозните алумни и студенти кои се стремат кон идеал.
- Овој настан треба да овозможи контекстуализација и концептуализација на Барвалипе – лидерската школа и да помогне во селекцијата на најбитните прашања и да стимулира поголема поддршка во однос на Барвалипе Стратегијата во наредните години. Целта е корисниците на РЕФ и Ромаверзитас по повеќе од една декада да се соберат на едно место, да дискутираат на теми и артикулираат нивни перспективи за прашања како што се, „Каде сме сега? Каде сметаме дека треба да бидеме? Како да се движиме до посакуваната позиција? Како да ги искористиме нашите потенцијали за да и помогнеме на нашата заедница, вели проектниот менаџер Силхан Саитов од Ромаверзитас.
Според нив, овој настан се организира во контекст на потребата од поттикнување на заедницата и индивидуите, движењата, групите и структурите кои се организирани и меѓусебно поврзани, а водени од заеднички интерес и повисоки цели.
Ромаверзитас e директен чинител во создавањето на квалитетно образовани генерации и клучна организација која креира и предводи критичка маса на алумни и студенти преку поддршка, личен и професионален развој, волонтеризам, активизам и лидерство. Ромаверзитас денес е заедница од студенти и алумни со претпознатлив идентитет кои остануваат цврсто поврзани со ромската заедница во водството и напредокот на поширокото општество.
Генерациската средба во Битола ја организира Здружението на граѓани „Ромаверзитас“, поддржано од Канцеларијата за ромски иницијативи - Фондација Отворено општество.