Претставниците на власта и невладиниот сектор денеска повторно дебатираа за изградбата на гасоводот на Водно. Според експертите, проектот долгорочно ќе има позитивно влијание и ќе придонесе за обезбедување сигурно и квалитетно снадување на потрошувачите со енергија, преку зголемено користење на природниот гас. Невладините организации, пак, бараат да се почитува заштитеното подрачје и да не се нарушува природната рамнотежа затоа што тоа може да влијае на градот Скопје.
На втората дебата, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, присуствуваа ресорниот заменик-министер Јани Макрадули, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи, претставници од Граѓанскатата иницијатива „Го сакам Водно“...
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули изјави дека во јавноста постојат три дилеми, дали ова има врска со Скопје, каков е статусот како заштитено подрачје на Водно и законските услови.
- Зошто има врска со Скопје, затоа што едниот крак ќе оди во општина Сопиште, а еден крак во општина Сарај. Втората придобивка е колку повеќе корисници имате, толку цената е пониска. За жал во Македонија во овој момент искористеноста на гасниот систем, што доаѓа од едно место, преку една цевка, преку Бугарија кон Крива Паланка, е од 35 до 40 отсто. Ќе се сложите малку, рече Макрадули. Предложи и УНДП да се вклучи во овој процес како гаранција за некој што е надвор од системот на државните институции.
Тој посочи дека во ЕУ се гради во заштитени подрачја и со средства од ЕУ. Како примери ги наведе Словенија, Литванија, Германија, Данска... Невладините организации, пак, наведоа дека во Италија гасоводот со вредност од две милијарди евра бил стопиран поради постење маслинови дрвја.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја спореди состојбата што ја наследиле со нескана бременост во критичен период за абортус за, како што рече, да може да гарантираме преживување на детето и на мајката.
Тој потенцира дека првпат во историјата на Скопје се дебатира за Водно на ваков начин.
- Ни се случувало да ни направат жичница, Милениумски крст, комуникациска кула без да не прашаат. Јужната страна на Водно да ја оштетат со Сончев град без да не прашаат, патот кон Сончев град да го ископаат без да не прашаат. И притоа ниту Скопје, ниту граѓаните на Скопје за таквата штета добија каква било компензација, рече Шилегов.
Според претставниците на Граѓанскатата иницијатива „Го сакам Водно“ здравјето на луѓето е поважно од материјалниот момент или загубите на пари. Сметаат дека се прави манипулација со законските решенија, има пропусти, се сечат дрвја на Водно...
- Влијание ќе има, мало или големо на заштитен дел од парк-шумата, велат од иницијативата „Го сакам Водно“.