Како до поголем ред и мир во училишните објекти и поголема безбедност на учениците, беше целта на средбата на претставниците на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Тетово со најодговорните на тетовските основни и средни училишта, информираше портпаролот на СВР тетово Марјан Јосифовски.

Според него, средбата претставува планирана активност со оглед на почетокот на новата учебна година.

- На средбата директорите на училиштата, биле информирани и за претстојните превентивно-едукативни проекти на СВР Тетово. Исто така се дискутирало и за двонасочната соработка и за можностите и начините за нејзино зајакнување и проширување. Најодговорните на училиштата беа информирани за тековните и идни активности од областа на јавниот ред и мир, сообраќајот и други активности што ги презема полицијата за непречено и безбедно одвивање на наставата во училиштата какои пред и по завршувањето на часовите рече Јосифовски.

Заедничка оценка на средбата, според Јосифовски е дека соработката треба да продолжи во очекуваната позитивна насока и двете страни, полицијата и училиштата, активно да се ангажираат во детектирањето и сузбивањето на општествено негативните, девијатни појави во кои учесници се или можат да бидат ученици.

Ваква средба на почетокот на овој месец беше организирана и со директорите на гостиварските основни и средни училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2018 18:29