Американскиот амбасадор во Србија Кајл Скат изјави дека земјите од Западен Балкан имаат три предизвици - името на Македонија, нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и воспоставување на функционална држава во БиХ, истакнувајќи дека суштинската улога на Србија е да биде столб на стабилноста во регионот, за што ја имаат поддршката од САД.
Скат, на Меѓународниот форум „Безбедоносни предизвици на Западен Балкан и Србија“, изјави дека неговата главна порака на форумот е дека поделбите не се непомирливи и дека регионот не е осуден на борба засекогаш.
- Ниту една нација, земја, континент не е осудена од некоја сила, за никогаш да не се промени. Народите и државите одлучуваат за иднината и се свртуваат кон просперитетот, рече Скат.
Американскиот амбасадор кажа дека лидерите на Македонија и Грција покажаа храброст со постигнувањето на договор за името на Македонија, кој донесе нова ера во напредокот на европските интеграции и членството во НАТО.
- Напредокот на БиХ ќе оди побавно, но претстојните избори ги гледаме како можност за нова динамика, оцени Скат и потсети дека и во Белград и во Приштина се говори за сеопфатна нормализација на односите.
Верувам дека на Белград и на Приштина треба да им се даде простор за флексибилни, одржливи, применливи решенија и за зајакнување на безбедноста на Србија и Косово, рече Скат.
- Претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи ја имаат нашата целосна поддршка, рече американскиот амбасадор во Белград.