Зголемувањето на конкурентноста на земјоделците од Македонија и на домашниот и на странските пазари е можно преку здружувањето во задруги, беше потенцирано пред земјоделските производители од кочанскиот регион, на денешната презентација на проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ што финансиски е поддржан од Европската Унија.
На средбата со земјоделците што се одржа во селото Чешиново, претставници од Македонската развојна фондација за претпријатија и од Федерацијата на меѓународни невладини организации - ЦАРЕ Германија/Луксембург, кои се носители на проектот, ги истакнаа предностите од здружувањето во задруги, како и можностите за аплицирање за техничка и финансиска поддршка за формирање и за развој на земјоделските задруги во Македонија.
- Нашите земјоделци имаат искуства од порано со задругарството и неопходно е повторно да го согледаат меѓусебниот интерес што ќе ги спои да дејствуваат заеднички. Направена е длабинска и компаративнаа анализа на законската регулатива во Македонија и заклучоците треба да се најдат пред посебна работна група, по што ќе се дадат предлози како да се разрешат одредени прашања, како што е оданочувањето. Регистрираните задруги ќе можат да аплицираат за грант во висина до 80 илјади евра, од набавка на механизација и опрема до изградба на објекти за преработка, при што треба да кофинансираат со 20 отсто, истакна Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија.
Земјоделците беа информирани за објавените повици на кои можат да се пријават постоечките задруги, како и останати групи на земјоделски стопанства кои имаат интерес за формирање земјоделски задруги. Покрај тоа, беа претставени позитивните искуства од здружувањето во задруги што веќе успешно функционираат Република Босна и Херцеговина.
За проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ во Македонија преку ИПА 2 програмата е обезбеден грант од еден милион евра, наменет за вкупно 20 задруги, од кои осум постоечки и дванаесет што допрва треба да се формираат.