Новата заменичка министерка за цивилна заштита на Грција, Катерина Папакоста не откри дали ќе гласа „за“ или „против“ договорот од Преспа, велејќи „ќе го видите тоа кога ќе дојде време“.
Во интервју за грчката телевизија „Скај“, Папакоста, која до лани беше член и пратеник на Нова демократија, а подоцна ја формираше партијата НЕО и по неодамнешната реконструкција влезе во коалиционата грчка Влада, одби директно да коментира дали договорот е добар или лош со објаснување дека „тоа ќе го видиме на крај“.
- Ние ќе го оцениме договорот, а како водечки критериум го имаме националниот интерес. Во овој момент проучуваме со многу големо внимание едно прашање и ве поттикнувам и вие да дебатирате околу тоа, постои промена на границите на Балканот. Треба и тоа да го видиме и тоа во период на мир. Загрижена сум дека можеби нема да успееме да станеме силна регионална сила, што е нашата цел во регионот. Треба да постои европска перспектива во регионот и ќе видиме, дали ова го дава договорот, рече Папакоста и додаде дека тие како партија нема да ја направат истата грешка што ја направиле некои „да дигнеме знаме за или против Македонија и договорот“.
Заменичката министерка за цивилна заштита на Грција рече дека за конкретното прашање требало да има консензус и упати критики до Мицотакис, велејќи дека ако била на негово место ќе му тропнела на врата на Ципрас за да разговара со него за ова национално прашање.
Со оглед на тоа дека Папакоста, иако си замина од Нова демократија, остана независен пратеник и ја формираше партијата НЕО, за нејзиниот влез во грчката Влада, медиумите во Грција коментираа дека тоа индиректно, можеби значи и еден глас повеќе за договорот од Преспа.