Европската комисија на денешната седница го разгледа прашањето за владеењето на правото во Полска, но не донесе одлука за покренување тужба против земјата пред Судот на ЕУ, соопшти порттпарол на извршното тело на Унијата.

Портпаролот не појасни зошто Еврокомисијата не иницирала покренување тужба против Полска и покрај претходните најави дека на денешната седница ќе биде донесена таква одлука.

Вчера, ниту Советот на министри на ЕУ на својата седница не донесе одлука за понатамошно продолжување на казнената постапката против Полска врз основа на членот 7 од Повелбата на Унијата.

- Се уште се надеваме дека е можно да дојдеме до договор со Варшава, изјави австрискиот министер за европски прашања Гернот Блимел, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Претходно, потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс изјави дека вестите од Полска „не се добри и дека времето истекува“.

- Од првото сослушување на Полска во текот на јуни, па досега, состојбата не е подобрена. Препораките на Комисијата не беа спроведени и започна процедурата за именување нови врховни судии во спротивност со европските заложби, нагласи Тимерманс.

Тој нагласи дека однесувањето на Варшава не укажува оти полските власти ги прифаќаат заложбите на Европската комисија.

- Се надевам дека за многу брзо време полската Влада ќе се изјасни дали ќе продолжи да ги почитува сите одлуки на Судот на ЕУ. Согласно случувањата ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање за да го направиме она што е потребно. Тоа е итно, нема време за губење, можно е случајот да биде упатен до Европскиот суд, изјави Тимерманс.

Активирањето на членот 7 пртоив некоја земја членка на Унијата значи дека неа би и било одземено правото на глас во Советот на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2018 15:51