Албанскиот претседател Илир Мета и заменик-помошникот секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард на денешната средба во Тирана, покрај другото разговарале и за референдумот во Македонија, закажан за 30 септември.

Заеднички став на двајцата соговорници е дека позитивниот резултат на референдумот е од големо значење за европската иднина не само за Македонија туку и за целиот регион.

Мета ја запознал високата гостинка дека Албанија ги повикала Албанците во Македонија да излезат и да гласаат „за“ на референдумот и додал дека посакува први октомври да отвори нова перспектива во евроатланската интеграција на Македонија.

Задржувајќи се и на други прашања од случувањата на Балканот, Мета и Милард размениле мислења и околу дијалогот Косово-Србија.

- Од посебна важност е финализирањето на дијалогот Косово-Србија со постигнување договор. Договорот Косово-Србија гарантира европска перспектива, го консолидира меѓуетничкиот соживот и мирот во регионот, оценил при тоа Мета.

На средбата од посебна важност е оценет текот на реформите во Албанија во правец на зајакнување на правната држава.

Претседателот Мета гарантирал дека неговата земја е одлучна во исполнувањето на обврските кои произлегуваат од документот за стратешко партнерство Албанија-САД.

Заменик – помошникот секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард во Албанија ќе престојува три дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2018 17:18