Бугарскиот вицепремиер и лидер на партијата ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов денеска најави дека Бугарија ќе ја поддржи Унгарија во процесот што Европската унија сака да го покрене против оваа земја.
- Земјите од Источна Европа треба да се поддржуваат една со друга кога се работи за нашите односи со Брисел. Денеска Унгарија, утре Полска, задутре и Бугарија може да се најде на обвинителната клупа, изјави Каракачанов по денешната седница на бугарската Влада.
Европскиот парламент неодамна гласаше за покренување на постапка за казнување на Унгарија, со потенцијално одземање на нејзиното право на глас во ЕУ, поради извештај на европратеничка во кој Унгарија беше обвинета за кршење на човековите права.
Пратениците, вклучително и мнозинството пратеници од конзервативната партија Европска народна партија (ЕПП), на која и припаѓа партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, ја критикуваа Унгарија поради затворањето на границата пред мигрантскиот бран, казнувањето на невладините организации кои им помагаат на мигрантите и постапката против универзитот ЦЕУ основан од Џорџ Сорос.
Слична постапка претходно беше покрената и против Полска. Унгарија и Полска најавија дека ќе се поддржуваат меѓусебно во процесот во кој е неопходна согласност на сите други земји членки на ЕУ, за на една членка да и се одземе правото на глас. И Чешка исто така се изјасни дека ќе биде против казнувањето на Унгарија.