Со повеќе активности со акцент на одржливиот транспорт денеска ќе продолжи одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018.

Во периодот од 10 до 13 часот во Техничкиот кампус при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи традиционалниот саем на електрични возила со презентации на електроавтомобили и е-скутери, како и презентација на фирми што користат електрични и хибридни возила. Учесниците и посетителите на саемот ќе имаат можност да се придружат на електроконвојот што ќе се вози до Порта „Македонија“.

Во 14 часот во салата на Советот на Град Скопје ќе почне презентацијата „Транспортот во градот и животната средина“ за проекти од областа на транспортот: Транспорт во Скопје, реалност и предизвици; Патека кон зелен транспорт; Транспортот низ климатски очила; Возниот парк и емисиите и Одржлив нискојаглероден транспорт.

Во периодот меѓу 7:30 и 8:30 е закажано дружење со идоли и херои во автобус, со ликовите од цртаните на Дизни.

Во „CO&WORK Hub“ на улицата „Шумадиска“ број 7А вечер во 19 часот ќе се одржи TEDx настан на тема „Иднината на транспортот“.

Град Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски зелен центар, Еко свест, „Гоу грин“, „Прв до врв“ и „Смарт ап“ – лабораторија за социјални иновации. Оваа година тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, а целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.

Европската недела на мобилност 2018 се одбележува од 16 до 22 септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 10:11