Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, заедно со директорката на Центар за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева и претставник од градежната фирма „Вардар Градба Скопје“ го потпишаа договорот за изградба на детска градинка во штипската населба „Сењак“, во која ќе се згрижат 200 деца.

- Станува збор за компанијата „Вардар Градба Скопје“ која ќе ја врши изградбата на детска градинка во Штип после триесет години. Ова е најголем капитален проект во дел на изградба на градинки или на ваков тип објекти. Се работи за градинка за околу 200 деца, која е проектирана со две крила. Ќе се изградат двете крила на оваа градинка во населба Сењак 4, вели Бочварски.

Тој забележа дека рокот на изведба е околу една година и веќе е разговарано и со Министерство за труд и социјална политика да се обезбедат средства од нивна страна за опремување и за внатрешниот дел од опремата за наредната година кога и ќе биде готов објектот.

Инвестицијата е во висина од 50.400.000 денари. Околу 68 отсто од средствата се обезбедени од буџетот на Општина Штип, а преостанатите околу 32 отсто се обезбедени од Центар за развој на ИПР.

Директорката на Центарот за развој на ИПР, Здравева појасни дека станува збор за проект, кој бил на годишната приоритетна листа за финансирање на проекти во Источен плански регион, а средствата од околу 16 милиони денари се обезбедени преку Бирото за рамномерен регионален развој.

Директорот на „Вардар градба“ - Скопје, Сашо Гочевски вели дека темелите на градинката во населбата „Сењак“ ќе бидат ставени наредната недела, а површината на објектот е околу 1.600 м/2. Смета дека изградбата на овој објект ќе биде готов наредната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 13:36