Во индустриската зона Визбегово во ноември годинава ќе почне изградба на водоводна и канализациска мрежа за што ќе бидат инвестирани осум милиони евра, најавија при денешната посета на зоната министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски.

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ до Министерството за транспорт и врски денеска го доставило проектот за изградба на водоводот во должина од седум километри, а ресорното Министерство, како што рече Сугарески, во најбрз можен рок ќе подготви тендерска документација и ќе распише повик за изградба. Финансиите за реализација на проектот се испланирани во буџетите на Министерството за следните години.

- Очекувањата се проектот да биде готов во 2020 година, но планираме со голем напор ако може да биде завршен и до крајот на следната година, рече Сугарески.

Во соработка со општина Бутел и Владата инфраструктурно ќе се уреди зоната Визбегово со што, според министерот, ќе се исполни ветувањето пред бизнисмените кои работат тука за обезбедување подобри услови за работа.

- Многу е важно да го реализираме овој проект. Со него не само што ќе овозможиме подобри услови за работа на постоечките компании, туку и ќе создадеме услови да привлечеме што повеќе домашни и странски инвестиции во општина Бутел. Тоа ќе значи економски бенефит за општината и за сите нејзини граѓани, рече Сугарески.

Во индустриската зона Визбегово работат околу 200 компании, а според градоначалникот Смилевски, има интерес за изградба на капацитети и од други стопанственици поради што се работи на деталниот план.

Во зоната, покрај претстојниот старт на работите за изградба на водовод кој ќе се гради со 1,6 милиони евра, и на канализациска мрежа за што ќе се потрошат седум милиони евра, ќе се подобрува и патната инфраструктура.

- Почнува да се гради и улицата „3/1“ во должина од 710 метри, со што ја почнуваме инвазијата во Визбегово околу урбанизирање и асфалтирање. Досега од почетокот на нашиот мандат изградивме околу илјада метри. Со тоа сметам дека Визбегово ќе го добие она што им недостигаше на граѓаните во изминатиот период за повторно да се вратат тука, рече Смилевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 14:05