Членките на Европската унија денеска го одбија британското барање за договор кој ќе биде заснован врз таканаречениот „план од Чекерс“ на премиерката Тереза Меј, со што би требало да го регулира односот на ЕУ и Велика Британија по Брегзит.

Велика Британија ја напушта Европската унија на 29 март следната година, и времето истекува за договор околу идните односи. На неформалниот самит во австрискиот град Салцбург, Меј побара планот од Чекерс да биде прифатен, бидејќи се работи за план кој е „сериозен и реален“. Со планот Меј нуди Велика Британија и по Брегзит во голема мерка да ги следи европските регулативи во економијата.

Но, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска информираше дека не бил постигнат договор.

- Рамката за економска соработка предложена од Велика Британија нема да функционира бидејќи со неа се нарушуваат основите на нашиот единствен внатрешен пазар. Мораме да направиме компромиси, од двете страни. Ќе одржиме и посебен самит за Брегзит во ноември, изјави Туск, најавувајќи неуспех на дводневниот самит во Салцбург, каде европските лидери беа фотографирани како вечераат во футуристичка сала, а Меј беше снимена како осамена стои покрај другите шефови на држави и влади.

Британската премиерка ги повика земјите членки на ЕУ да престанат да предлагаат решенија кои може да доведат до поделба на Велика Британија. Ова следи откако еден од предлозите кој бил покренат во Салцбург бил британската провинција Северна Ирска да остане во трговски сојуз со Европската унија, за да се избегне создавање на „цврста граница“, односно воведување на гранични контроли, меѓу Северна Ирска и Република Ирска, која е дел од ЕУ. Велика Британија стравува дека ваков чекор би можел повторно да го засили ирскиот сепаратизам во Северна Ирска и да го наруши мировниот договор од Велипеток.

Од друга страна, пак, Туск оцени дека предлогот на Меј го нарушува единството на Унијата и може да предизвика кршење на нејзината политика на слободно движење на луѓе, производи и капитал.

Дел од лидерите на ЕУ собрани во австрискиот град неформално изјавија дека се надеваат на нов референдум во Велика Британија, на кој британските граѓани би се изјасниле сепак да останат дел од ЕУ. Меј категорично ја отфрли оваа можност, а ја отфрли и идејата за одлагање на Брегзит.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека ЕУ е подготвена за сите можни сценарија во врска со Брегзит, вклучително и за неуспех на преговорите, по што Велика Британија би ја напуштила ЕУ без да има договор со кој би се регулирале натамошните трговски и политички односи. Домаќинот на самитот, австрискиот канцелар Себастијан Курц, изјави дека ЕУ би сакала да избегне таква разврска.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 20:27