Во Делчево се одржа завршната работилница за изработка на Стратегија за соработка меѓу општина Делчево и граѓанскиот сектор. На работилницата присуствуваа претставници на десетина активни невладини организации и општина Делчево кои се вклучени во процесот на изработка на стратешкиот документ. Како што истакна Валерија Соколова од Регионалниот центар за застапување, главна цел на денешниот завршен настан е изработката на стратешки документ преку кој ќе овозможи активно вклучување на граѓанските организации во процесите на дефинирање на развојните политики на општина Делчево. - Кога мислиме развојни политики тоа се однесува на спроведување на конкретни активности и иницијативи, преку создавање предуслови за формирање на ефикасни партнерства за нивно реализирање. Проектот се реализираше во текот на изминатите 8 месеци, а во постапката на изработка на стратешкиот документ и акцискиот план ќе бидат вклучени претставници од активните невладини организации во Делчево, рече Соколова. По дизајнирањето како што инфомираше Соколова, документот ќе биде објавен во јавните гласила. - Овој документ ќе се дизајнира и по неговото финализирање ќе биде достапен за јавноста со цел да биде транпарентен во врска со идните препораки и од таму ќе биде достапен така што секој ќе може да го има на увид акцискиот план преку кој во иднина ќе може да се аплицираат заеднички проекти со општината, рече Соколова. Проектот е финансиран од ЕУ и се реализира преку Програмата за регрантирање на фондацијата за локален економски развој. Проектот за изработка на стратегијата го спроведоа „Преда плус“ и Регионалниот центар за застапување во партнерство со општина Делчево.