На брегот на Охридското Езеро, во непосредна близина на струшкото село Калишта со својата убавина плени манастирскиот комплекс Рождество на пресвета Богородица. Составен од четири храма, две пештерски цркви, посветени на Мајката Божја и свети Атанасиј Велики и уште две цркви едната Рожденство на пресвета Богородица и другата свети Петар и Павле, со својата духовност, мир и спокој ги прима верниците од секаде во светот. Во ова свето место спокојот се вгнездил насекаде, а Комплексот ја раскажува својата историја за духовноста вгнездена во него и чудата на Мајката Божја.

Основа на манастирскиот комплекс е малата пештерска црква, сместена во карпа, изградена во 14. век. Во трите монашки ќелии, две на пр­ви­от и ед­на на вто­ри­от кат се влегува преку мала и тесна врата, а внатре покрај доховен мир ќе најдете и многу историја. Тука претстојувале и твореле познати ин­те­ле­кту­ал­ци, ме­ѓу кои и браќата Ди­ми­тар и Кон­стан­тин Ми­ла­ди­но­ви.

При нашата посета на Комплексот, монасите и домаќините ги начекавме растрчани во подготовки за претстојната слава, празникот Рождество на Пресвета Богородица или кај народот познат како мала Богородица, што секоја година се слави на 21 септември. Тука доаѓаат и христијани и муслимани да запалат свеќа да се помолат пред иконата, која е ретка во православниот свет, а на Балканот е единствена, тоа е Калишка пресвета Богородица.

Доколку комплесот го посетите во недела или на празник, душата ќе ви ја стоплат звуците од црковно пеење на хорот „Калистрат Зографски“.

Иконата на Пресвета Богородица насликана во црно

Чудотворната икона во манастирот во Калишта е копија на познатата руска Теодоровска икона, која ја чествувало светото царско семејство Романови.

При реставрацијата, реставраторот нанел претемна боја врз лицето на иконата и естетски ја оштетил. За иконата има малку документи, но преданијата говорат дека ја сликал монах што живеел во една од овие ќелии и добил Господови визии да ја наслика Богородица во темни бои.

Иако кај народот е позната како „Црна Богородица“, стручната фела не го одобрува овој назив, бидејќи, според нив, се употребува за туристичка атракција, што е несвојствено за Светата црква. Според теолозите, богохулно и богословски погрешно е Теодоровската икона на Пресвета Богородица да се нарекува „Црна Богородица“.

Ниту старите стружани не паметат дека се користел овој назив за иконата на Мајката Божја, единствено кажуваат дека ја нарекувале Богородица – Калишка“.

Моќта на чудотворната икона на Мајката Божја

Според сведоштва запишани во манастирските книги, во Втората светска војна фашистите повеќе пати ја фрлале иконата во езерото, но таа секогаш се враќала на брегот кај манастирот. Едно преданије говори дека врзана со челични синџири ја потопувале во средината на езерските води за да се уништи, но како што била потопувана иконата се ослободувала од синџирите и повторно била крај манастирот.

Едно сведоштво кажува дека локални Албанци го ограбиле манастирот. Пресвета Богородица му се јавила во кошмар на крадецот, па неговиот татко дошол да бара прошка и сакајќи да се искупи дал пари за благородно опстојување на светилиштето.

Чудотворноста на иконата се состои во нејзината исцелителна моќ. На секој што се моли со искреност, вера и чисто срце таа му помага да се излечи. Препознатлива е по дарувањето деца на бездетните, што го потврдуваат многу двојки, кои со својот пород доаѓаат да се поклонат и да се заблагодарат за дарот што го добиле. Жена Албанка со врели солзи и длабоко срдечна молитва ја молела Пресвета Богородица да и дари дете. Кога излегувала од храмот од почит кон Мајката Божја не и го вртела грбот. Добила дете и во знак на благодарност сакала детето да му го предаде на манастирот за да и служи на Пресвета Богородица. За нејзината моќ говорат и сведоштва дека жена инвалид станала од количката и проодела за време на една од литургиите во манасирот.

Лековита вода од манастирот свети Петар и Павле

Карактеристично за манастирскиот комплекс во Калишта е и лековитоста на водата што извира под манастирот посветен на светите апостоли Петар и Павле. Тоа е лековита вода што помага на луѓе кои патат од главоболки или имаат проблеми со очите. Повеќето посетители неизоставаат да се измијат и напијат од студените изворски води од параклисот. Едно сведоштво говори дека по искрена молитва дете прогледало, откако се измило од овој извор.

Слаѓана Стојкова Костоски



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 14:08