Предлогот за изменување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година, со кој е предвидена рационализација на трошењето на буџетските средства, ќе биде разгледуван на следната седница на Советот на Град Скопје.
Буџетот на Градот за 2018 година ќе биде намален вкупно за 346 милиони денари. Место предвидените 4,23 милијарди Град Скопје во текот на 2018 година со овој ребаланс планира да потроши вкупно 3,88 милијарди денари.
- Овој ребаланс е подготвен во согласност со усвоениот втор квартален извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година. Во првото полугодие остварувањето на приходите се одвива согласно со планираното, а плаќањата на расходите се одвиваат редовно и навремено. Вкупните приходи за овој период од годината се остварени во износ од 2,2 милијарди денари што претставува 36 отсто во однос на планот за 2018 година, соопшти Град Скопје.
Во ребалансот, кој ќе се гласа на 27 септември, најголемите промени во вкупните предвидени средства се однесуваат на Секторот за планирање и уредување на градежно земјиште, каде е предвидено намалување на средствата за 226.82 милиони денари, како и Секторот за сообраќај каде е предвидено намалување за 32 милиони денари.
- Намалувањето на средствата во Секторот за планирање и уредување на градежно земјиште се должи на постигнатите поевтини цени во текот на тендерските постапки на проектите кои се изведуваат оваа година во однос на проектите во изминатите години. На пример, за булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“, чија тендерска постапка за првата фаза е завршена во 2016 година, постигнал значително повисока цена по километар во однос на втората фаза, чија тендерска постапка заврши годинава. Втората фаза за истиот булевар во текот на тендерската постапка постигнува цена по километар која е 21,85 отсто поевтина во однос на цената на првата фаза, информираат градските власти.
Промени во буџетот има и во секторите за информатичка технологија и модернизација (намалување од 32,1 милиони денари) и општи работи (намалување од 23,05 милиони денари). Незначителни промени има и во секторите за животна средина, локален економски развој, образование, комунални работи, правни работи, јавни дејности, како и инспекторат.
Во делот на комуналните работи предвидени се пет милиони денари за набавка на контејнери за одлагање отпад, пет милиони денари за набавка на комунални возила за собирање отпад и три милиони денари за опрема на стационарот „Вардариште“. Во делот на планирање и уредување на градежното земјиште предвидени се дополнителни 3,18 милиони денари за проекти за надворешни содржини за спорт, спортски објекти и култура, како и дополнителни 1,5 милиони денари за вело паркинзи и мини спортски игралишта.