Во дворот од црквата свети Никола во Тетово денеска беше одбележана 74 годишнината од стрелањето на двајцата заробени борци од Третиот партизански одред во борбата кај гостиварското село Беличица, Младен Симоски - Требош и Андреа Христовски - Шварц.
По отслужениот помен парастос пред спомен плочата на двајцата стрелани партизани букети цвеќе положија нивните роднини, делегација од Сојузот на борци од Тетово, од тетовската општинска организација на СДСМ како и општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, претставници од националната установа Музеј на тетовскиот крај и ученици од основните училишта Гоце Делчев и Андреа Савески Кикиш.
- Двајцата борци заедно со Сретен Тофиловски беа заробени од балистите на 19 септември по шестчасовната жестока борба во гостиварското село Беличица каде Третиот партизански одред беше опколен на пат за слободната територија. Тофиловски кој имал девет прострелни рани бил ослободен од страна на балистичкиот водач Џемо Хаса додека Симоски и Христовски биле стрелани токму на ова место во дворот од црквата пред присилно собраниот македонски народ од Тетово рече во својот говор пред присутните Јовица Тофиловски од Сојузот на борци Тетово.
Андреа Христовски – Шварц бил роден во 1919 година во Тетово а во НОБ се приклучил уште како студент. Младен Симоски – Требош бил роден 1923 година а во НОБ се приклучи 1943 година. Од семејството Симоски во НОБ загинале уште и Пано Симоски кај Беличица, Гоце Симоски при ослободувањето на Прилепи Симо Симоски кој загинал при завршните операции за ослободување на тогашна Југославија.