Со велосипедско дефиле, сообраќајна поука и креативни активности под мотото „Комбинирај и движи се“, во општина Крива Паланка денеска беше одбележан Денот без автомобили во рамки на Европската недела на мобилност која трае 16 – 22 септември. Настанот „Комбинирај и движи се“ се реализираше во период од два часа, а денот без моторни возила беше наменет за велосипедизам и дружба. Во велосипедското дефиле учествуваа над четиристотини дечиња од основните училишта, средното општинско училиште, вработени во институциите од градот, како и голем број граѓани. - Посакувам оваа убава глетка, бројни велосипедисти и користење алтернативни превозни средства, да ја имаме често во градот, многу денови од годината, не само еден ден и враќање на старата пракса, веќе од утре, повторно загадување на воздухот и возење автомобили. Да земеме пример од големите светски метрополи, каде дел од културата е возење велосипед , луѓето го користат во секојдневието и е нивно омилено превозно средство, рече Љубомир Младенов, секретар на општина Крива Паланка. Велосипедистите тргнаа од градскиот плоштад, низ главната улица „Св.Јоаким Осоговски“ до мотел „Македонија“ и се движеа кружно низ истата траса се до стартната точка. Најмлад учесник на дефилето беше шестгодишната Мила Тодоровска, а највозрасен, 73-годишниот Јованче Маџовски, поранешен претседател на еколошко друштво „Флора“, Крива Паланка. - Бенефитот од возењето велосипед е повеќекратен, јас лично, го користам како превозно средство секој ден, два до три пати движејќи до центарот на градот, по потреба но и за раздвижување. Порачувам младите повеќе да се движат, да возат велосипеди и воопшто, да спортуваат, тоа носи здравје и долг живот, рече Маџовски. Ученици од двете основни училишта до градот твореа и цртаа на платото кај плоштадот на тема „Без автомобил“, а беа организирани и сообраќајна поука и пионерски семафор со едукативни препораки до младите во соработка со Сообраќајната полиција од ПС од општа надлежност Крива Паланка. Во одбележување на денот без автомобили се вклучени и Министерството за животна средина и просторно планирање, во партнерство со Делегацијата на Европска унија во РМ и ЕУ- Инфо центар, Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 18:14