Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и неговиот огранок за Голо Брдо постигнале договор за соработка со хуманитарната организација „Здружени срца” од Прилеп.

- На средбата што претставникот на огранокот на друштвото за Голо Брдо, Фатри Фетаху, ја оствари со Роберт Тодороски, претседател на хуманитарна организација „Здружени срца” договорна е соработка во повеќе области, кои се во интерес на членовите на двете асоциации, преку средби и размена на искуства. Посебно е разгледана можноста прилепската организација да помогне со донирање на хуманитарна помош за Македонците во Голо Брдо кои се во најтешка социоекономска положба, пренесува електронското издание на весникот „Илинден“.

Како што е пренесено, Фетаху го запознал Тодоровски со положбата на Македонците во Албанија, посебно во областа Голо Брдо, која и понатаму останува една од најсирошаните области во Албанија, како и низата активности кои ги реализира друштвото „Илинден“ во правец на подобрување на правата на припадниците на македонското малцинство во оваа земја.

Договорено е набрзо да биде потпишан и меморандум за соработка. Претходно „Илинден“ меморандум за соработка потпиша со Здружението за заштита и негување на културните вредности на село Џепиште „Калуѓерица“ од дебарското село Џепиште, кое граничи со областа Голо Брдо.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 18:24