На тринаесет штандови богати со најразлични производи од сливи денеска се славеше традицијата. На едно место се вареше ракија, се подготвуваше мармалад и слатко, а се дегустираа и вкусните производи збогатени со сливи и изложени на продажните штандови. Во манифестацијата се вклучија сите образовни институции во Делчево, децата од Дневниот центар, локални институции, а учениците од СОУ „М.М. Брицо“ подготвија и ликовна колонија на тема „Пијанечка слива“. Свои производи понудија и најголемиот откупувач и преработувач на овошје во регионот „Рудине ММ“, ЗФГ „Копачка“ од село Драмче, „Пијанечка пчела 2“, како и физички лица. За најубаво уреден штанд на годинашните „Пијанечки денови на сливата“ наградата од 3.000 денари ја добија учениците од ООУ „Св.Климент Охридски“ од Делчево кои, покрај изложените производи, на самото место вареа и слатко од слива. Наградата, пак, за највкусен мармалад ја поделија Слобода Јовановска и ЗФГ „Копачка“. Епитетот највесела ракија, годинава ја заслужи производот на Тихомир Маринков. Тој доби 12.000 денари, а 8.000 отидоа кај Јован Медарски. Останатите двајца учесници, Стојмир Мицевски и Ѓорѓи Јовановски добија по 2.000 денари за учество и збогатување на манифестацијата. - Со денешната манифестација сакаме да покажеме дека сме горди на трудот на сливарите, на производството и на традицијата. Производството на сливи во Пијанец во својата историја бележи многу подеми и падови, но сливата опстојувала под различни искушенија, било од природата, било од некои други објективни или субјективни причини. Затоа, верувам дека овоштарството во регионот има иднина, а со поддршка на ЕУ фондовите, ИПАРД програмата, субвенициите од државата, може да создадеме планско производство, да го осовремениме, да создадеме услови за нови преработувачки капацитети, истакна градоначалникот Горан Трајковски. Според истражувањата на пијанечкиот Цепенков, Димитар Узунски, посебно е карактеристичен периодот на почетокот на 20 век, кога се создале големи бавчи со сина слива. - Расадот е донесен од Банско, Бугарија, затоа и е наречена банска слива. Потоа, овоштарите сами почнале да си произведуваат насади. Сината слива ја имало толку многу што останувала несобрана и до паѓањето на првиот снег. Во тој период, до 1940 година, се изградени многу сливарски фурни за печење на сината слива, истакнува Узунски. Манифестацијата беше збогатена со настап на децата од градинката „Весели цветови“, играорците од ФГ „Никола Јонков Вапцаров“, од КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица, од КУД „Гоце Делчев“, како и настап на пејачката група „Ѓурѓа“. Во Пијанец има 252.000 садници со сини сливи засадени на околу 650 хектари. Годинава се произведени рекордни 12 илјади тони.