Општините Охрид и Дебрца денеска со Мировен марш низ централните градски улици го одбележаа 21 септември - Меѓународниот ден на мирот.
Главниот настан се одржа на Градскиот плоштад, со културно- уметничка програма во која настапија младите охриѓанчиња згрижени во детската градинка „Јасна Ристеска“ и учесници од детскиот фестивал „Распеано рибарче“.
Пред присутните советникот во градскиот Совет, Мишел Наумоски, нагласи дека со одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот граѓаните на Охрид и Дебрца ја потврдуваат определбата на Република Македонија својот развој да го гледа во мирна коегзистенција со своите соседи во поширокото европско семејство.
- Мирот секогаш бил најпосакуваната и најголема вредност на човечката цивилизација, а стремежот за мир и слобода најголемиот идеал на човекот. Сојузот на борци од Народно ослободителната борба и граѓаните продолжувачи на традицијата, имаат најголемо историско право бескомпромисно да се залагаат за вредностите на мирот и слобода за секој човек...И денес кога на нашата планета постојат војни судири, Сојузот на борците и продолжувачи на традицијата и ние како граѓани, чекориме со пораката за мир и се приклучуваме кон иницијативата на генералниот секретар на обединетите нации Антонио Гутереш, да прекинат насилствата и сите народи да чекорат заеднички по патеките на мирот и взаемното уважување и разбирање. Почитувани присутни, да посакаме мирот да надвладее, а луѓето и народите да чекорат кон заедничка иднина, исполнета со човекољубие, мир и слобода за сите луѓе, рече Наумоски.
Пригодно обраќање имаше и потпретседателот на Сојузот на борци од НОБ од Охрид и Дебрца, Љубиша Маршановиќ.