Моника Круемади, претседателката на третата по голема албанска политичка партија - Движењето за социјалистичка интеграција - упати сериозни обвинувања велејќи дека парите од канабисот, кој според неа се одгледува низ цела Албанија, завршуваат кај премиерот Еди Рама или кај меѓународните претставници кои молчат пред овој криминал.
- Лазарат, кој се нарекуваше фабрика за марихуна, беше уништен и многу добро е што беше уништен, но сега цела Албанија се претвори во Лазарат. Сите тие пари од канабисот, каде завршуваат? Бидејќи сиромаштијата е зголемена, тие не завршуваат кај граѓаните. Значи, или ги зема Еди Рама или меѓународните претставници кои молчат и не зборуваат ништо за оваа ситуација, обвини Круемади.
Според неа „криминалот ја гледа политиката како средство за контрола на системот", додека „политиката веќе е аргат на криминалот".
- Криминалците мора да одат во затвор, а не да бидат отстранети од политиката и да победуваат на тендери. Слушаме дека криминалците по кои се трага предизвикуваат тепачки по клубови и нема никакво соопштение за тоа. Политиката веќе е аргат на криминалот. Криминалците се во државните канцеларии. Но, не е само криминалецот е во канцеларијата, туку и неговата девојка, сестра или сопруга, изјави Круемади.
Таа додаде дека во нејзината политичка кариера единствено премиерот Еди Рама бил виден со криминалци.
- Никогаш не сум видела премиер да седи на маса заедно со криминалци како Еди Рама, посочи Круемади, на гостувањето во емисијата „Опен“ на тиранската телевизија Топ Ченел.
Во истото гостување таа упати обвинувања и на адреса на шефот на државата Илир Мета, кој е нејзин сопруг, велејќи дека да има 92 пратеника ќе го разрешела од функцијата бидејќи му дава сила на лидерот на криминалот Еди Рама.