Граѓани и екологисти реагираат за несоодветно кастрење на дрвцата помеѓу двете ленти на автопатот од Неготино до Стоби.
- Дрвцата се кастрени за да нема навлегување на гранките во автопатот, но тоа не е направено најстручно и планско, туку паушално. Сето тоа е направено многу грубо, без запазување на естетика на дрворедот. Ние реагираме на секоја несовесна сеча на дрвца независно дали тие се во град, шума, парк или автопат, рече Роберто Паризов, претседател на друштвото „Еко - живот“
Од Јавното претпријатие за државни патишта наведуваат дека на тој потег морало да се интервенира со кастрење на гранките од дрвцата кои навлегувале во автопатските ленти и правеле проблеми на возачите, ја намалувале видливоста и ја загрозувале безбедноста во сообраќајот. Тоа им е и законска обврска.
- Кастрење мораше да има, за да нема сообраќајки и човечки жртви. Како претпријатие во иднина ќе настојуваме да се применува друг систем за кастрење, кој освен на безбедносниот, ќе обрне внимание и на визуелниот ефект, децидни беа од претпријатието за државни патишта во Македонија.