Барањето извинување од страна на Србија за злосторствата извршени врз косовското население треба да биде прв услов за постигнување договор за помирување, кое би резултирало со признавање на независноста на Косово од страна на Белград, порача премиерот на Косово Рамуш Харадинај.
Во дијалогот меѓу Приштина и Белград за конечен договор меѓу двете земји, нагласи Харадинај, „не смее ниту да се отвори“ каква било дебата за корекција на границите.
Косовскиот премиер, како што јави дописникот на МИА од Приштина, во синоќешното интервју за ТВ21, порача дека нема да учествува во никаков процес во кој се говори за поделба на Косово.
- Мојот став е јасен: не дозволувам, не прифаќам, не поддржувам и не учествувам во ниеден процес со кој се допираат границите на мојата земја, изјави Харадинај.
Косово, вели косовскиот премиер, „го нема луксузот да разговара за редефинирање на своите граници“.
- Признаени сме од повеќе од 110 држави во овие граници, членка сме на меѓународни институции со овие граници. Отворањето на прашањето на границите во која било варијанта претставува враќање во времето пред независноста и носи ризици кои не можат да се контролираат, рече косовскиот премиер.
Сепак, изјави Харадинај, дијалогот со Србија треба да продолжи и помирување меѓу двете земји мора да се постигне.