Во тек се работни акции за чистење на градот Берово. Во последната активност што се спроведува со вработените во АД „Водостопанство“ се врши чистење на потоците на територија на оваа општина. Вработените активно се вклучија во помагање на фирмата што е ангажирана за чистење на Ормански поток и потoкот Манакија. Како што информираше Зоран Аговски, директор на претпријатието вработените веќе неколку пати се вклучуваат во вакви еколошки акции. - Сметам дека ваквите акции за чистење на градот претставуваат вистински пример како треба организирано општествено да делуваме со цел да си ја заштитиме животната средина, но и да оставиме убава слика за посетителите, рече Аговски. Градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски поздравувајќи ја ваквата позитивна иницијатива, упати благодарност до сите вработени во АД „Водостопанство“ и посочи дека ваквото системско делување е вистински позитивен пример за една институција, која треба во пракса да ја применат сите, во насока на зачувување и негување на животната средина. - Со чистење на наносниот материјал од вегетацијата во каналите, превентивно се делува против изливање на потокот и се заштитуваат улиците во градот, но исто така оставаме подобра слика на градот и ги подобруваме условите на населениeто во смисла на заштита на нивните имоти, семејни објекти и земјоделски површини, рече Пекевски. Претходно во слична ваква акција се чистеше просторот околу Беровско Езеро.