Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност, денеска во Гевгелија се одржа манифестацијата „Ден без автомобили“ со дефиле на велосипедисти. Поголемиот дел од учесниците беа ученици од двете основни училишта во градот на кои им се приклучија и граѓани од општината.
Групата велосипедисти тргна од пред Основниот суд во Гевгелија и возеше низ улиците во централниот дел на градот, кои денека беа еден час резервирани за учесниците на манифестацијата.
За време на одржување на велосипедското дефиле, автомобилистите од Гевгелија го послушаа апелот на организаторот, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот да не ги користат автомобилите без потреба. Со тоа тие дадоа придонес во заложбата за намалување на сообраќајот во центарот на градот и за заштита на животната средина.