По повод големиот христијански празник, Рождество на Пресвета Богородица, во познатиот манастир „Света Пречиста Кичевска“ чиј патрон е Мајката божја, со монашки постриг беа благословени две искушенички од монашкото сестринство.
Монашкиот постриг го изврши надлежниот Архипастир неговото Високо преосвештенство митрополитот Дебарско-Кичевски господин Тимотеј, во присуство на голем број верници, сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица и братството на Бигорскиот манастир предводени од игуменот, Архимандрит Партениј.
- Првпат после 54 години, за рамноангелен монашки живот на нашите сестри Весна од Охрид и Весне од Прилеп, кои примајќи свет монашки потстриг од рацете на нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ги понесоа новите имиња Февронија и Пелагија, примајќи го призивот да се огледаат на житијата на истоимените светителки. По толку многу години за првпат се слушнаа зборовите „Побрзај да ми ги отвориш татковите прегратки, велат од сестринството на манастирот.
Од таму додваат дека во преукрасениот и со богољубиви души преполн храм, како во Христовата брачна одаја, овој пат одбележувањето на празникот бил достоинствено збогатен од прекрасниот глас на монасите Јован и Ефрем од манастирот на Пресвета Богородица - Хаматура во Либан.
- Беше тоа навистина едно серадосно доживување - да се слави Бога и Неговата Пречиста Мајка на славјански и арапски јазик, слеани и двата во една благодарствена симфонија, посочуваат сестрите.
Манастирот датира од втората декада на 13 век, а до денес во повеќе наврати е опожаруван и рушен, но е обновуван и сега претставува еден од најубавите манастири во земјава. Пресвета Богородица Кичевска има најголема манастирска црква во земјава со импозантни димензии.