Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност, денеска стотина млади од Куманово возеа велосипед низ централните градски улици. На овој начин апелираа до сограѓаните повеќе да користат велосипед и да одат пеш.

Организатори на настанот се Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Куманово.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски апелираше до граѓаните повеќе да користат велосипед и да одат пеш. Тој истакна дека Куманово се соочува со проблеми поради густиот сообраќај.

Според податоците кои ги презентираше Димитриевски, улиците во градот се проектирани за 7.000, а има околу 27.000 автомобили. Општината, додаде, презема мерки и проекти за подобрување на сообраќајната инфраструктура. Постети дека изминатиов период на повеќе локации, особено околу градинките и училиштата, поставени се „лежечки полицијаци“, а наскоро на барање на граѓаните ќе бидат поставени на најфреквентните улици.

- Општината влезе во постапка за избор на понудувач и изведувач на катна гаража кај Домот на културата. Се изработува и сообраќајно решение за кружен тек за влезот на градот. Отворена е и постапка за стратешкиот документ, изработка на сообраќајна студија, документ кој никогаш не е донесен и се надевам дека ќе најдеме сили да го финансираме бидејќи е еден од најскапите, изјави Димитриевски.

Велосипедистите во Куманово се соочуваат со недостиг на патеки каде можат да се рекреираат затоа општината ќе преземе мерки да ги ослободи патеките на булеварите во градот кои се зафатени со паркирани автомобили.

- Порачавме проект за булеварот „Октомвриска револуција“, кој е во завршна фаза за поставување пластични столпчиња за да се обележат овие површини, изјави Димитриевски. Проектот ќе продолжи да се реализира и на булеварот „Трета македонска ударна бригада“.

Тој потсети дека има слободни паркинг места кои можат да ги користат возачите и да платат за таа услуга, а наредниот период ќе биде воведена и зона „б“ .



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2018 15:21