Општина Виница инвестира над 1,3 милиони денари за изградба на потпорни ѕидови на улицата „Иво Лола Рибар“, која е една од главните во Ромското маало. Средствата се обезбедени преку програмата за имплементација на Стратегијата за Ромите во Македонија, а дел од работите се изведуваат и со сопствено учество.
Од локалната самоуправа информираа дека градежните работи се започнати на еден од главните ѕидови со должина од триесетина и височина од пет метри, со што ќе се спречи појавата на свлечиште и потенцијална опасност за куќите во неспосредна близина.
- Во рамки на подобрувањето на инфраструктурата во Ромското маало во Виница, предвидена е изградба и асфалтирање на дел од улиците, но со оглед на конфигурацијата на теренот, неопходно е претходно да се постават потпорни ѕидови. Обврска на изведувачот е изградбата да ја заврши до средината на октомври, а ние ја презедовме задачата до година да обезбедиме целосна реконструкција и асфалтирање на улицата „Иво Лола Рибар“, во должина од над 500 метри, истакна градоначалникот на Виница Ивица Димитров.
Во меѓувреме завршена е реконструкцијата и асфалтирањето на шест улици во градот, како и на неколку сообраќајници во селата Лески, Блатец, Јакимово, Трстија и Градец со вкупна должина од околу 2.800 метри. За овие градежни активности локалната самоуправа на Виница од сопствениот буџет издвои околу 11,7 милиони денари.