Во организација на општина Велес денеска со рекреативно возење на велосипеди, ролери и други алтернативни превозни средства од плоштадот „С’рмаале“ до Младинскиот парк се одбележа светскиот Ден без автомобили.

Учествуваа над сто учесници: ученици, претставници на велосипедските клубови и невладини организации од градот. На целта во Младинскиот парк тие продолжија да возат велосипеди, а нивни другарчиња цртаа на хартија на тема „Ден без автомобили“.

Настанот е во рамки на Европската недела на мобилност што од 16 до 22 септември општина Велес ја одбележа со едукативни предавања за безбедност во сообраќајот, а денешната манифестација беше завршна активност.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски им се заблогадари на сите учесници, на Министерството за животна средина и просторно планирање и на ЕУ кои го поддржаа овој настан. Изрази благодарност и до општинските здруженија на граѓани, училиштата и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот.

- Еден од нашите најважни приоритети во следната година ќе биде реализацијата на одржлива урбана мобилност - нешто ново што не е донесено во ниедна општина во Македонија, а за која ние сега ја изготвуваме стратегијата. Ќе се обидеме да направиме соодветен компромис меѓу двете крајности на Велес, едната е стар град со тесни улици во кои е многу тешко да се обезбедат велосипедски патеки и потребата на новото време, да имаме што повеќе велосипедски патеки. Се надевам дека експертите кои ја изработуваат таа студија ќе најдат соодветно решение за тоа, потенцира Коцевски.

Појасни дека нивната визија е Велес да се развива како модерен европски град во кој автомобилите ќе бидат истиснати од централното градско подрачје. Град во кој, како што рече, прв приоритет во движењето ќе бидат пешаците, потоа велосипедистите и поинаку да биде организиран јавниот градски превоз, со автобуси и комбиња кои ќе бидат со незагадувачки енергенс и на крај да бидат приватните автомобили.

- Тое е многу тешко за Велес имајќи ги предвид лошите навики на луѓето, меѓутоа мене особено ме инспирира кога правам некои работи со кои ги менувам закоравените лоши навики на граѓаните.Тоа го видовме како функционура и со поставувањето на рампата за забрана на сообраќај во Градскиот парк од 6 до 9 наутро и од 18 до 21 часот навечер. Но, јас сум уверен дека тоа што го зборувам е исправно и верувајте ми се ќе направам со вработените во општинската администрација и Советот таа наша визија да стане реалност, рече Коцевски.

На новинарско прашање за изградбата на велосипедски патеки во градот, Коцевски појасни дека експертите треба да најдат соодветни решенија каде и на кои сообраќајници во Велес можат да се обележат велосипедските патеки.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2018 15:48