Во рамки на културното лето „Звуците на културата“ во општина Ѓорче Петров, познатото музичко дуо Силви Бенд утре вечер ќе настапи со својот перформанс, мјузиклот „Песни од Коштана“.
Мјузиклот е вистинско уметничко доживување за сите вљубеници на убавата музика, изобилува со богати кореографии, многу фолклор, прекрасни песни и игри, најубавите реплики на Митке и Коштана и голем оркестар. Овој перформанс го изведуваат околу 20-на луѓе на сцената, облечени во прекрасни народни и традиционални носии.
„Песни од Коштана“ се состои од изведба на сите 16 песни од истоимениот албум на Силви Бенд. Ликот на Коштана го толкува Силвана Мучиќ Плевнеш, а Митке го глуми доајенот на македонската драма Илија Струмениковски.
Публиката ќе има можност да ужива во мјузиклот утре од 20 часот во паркот во општина Ѓорче Петров.