Со 830 учесници, од 365 институции, во изминатите пет дена во Атина се одржа годишната конференција на европската асоцијација на зоолошки и аквариуми (ЕАЗА). Македонија и овој пат имаше свои претставници и полека, но сигурно чекори кон членство во ЕАЗА.
Дописничката на МИА од Атина, поразговара со Војо Иванов, zookeeper, односно зоо неговател, во скопската зоолошка градина кој заедно со биологот и кураторот од нашата зоолошка, присуствуваа на конференцијата.
Процесот до членството на Македонија во асоцијацијата, вели Иванов, е сличен како и оној за членство во Европската унија. Потребно е да се исполнат одредени услови и критериуми.
- Тенденцијата сега е да имаме европска зоолошка градина, тоа ни е мотото, а и се поклопува и со нашето влегување во ЕАЗА. ЕАЗА е европска асоцијација за зоолошки и аквариуми, на народен јазик кажано, тоа е Европска унија за животни. Не сме членки веќе 10 години, се трудиме, но.. Тоа е исто како и со Европската Унија. Имаме услови кои што не ги исполнуваме. Ние сме редок пример на Балканов што докажавме дека и со многу пари, најмногу од сите зоолошки што успеале да рекетираат од политичката власт, ние како институција имаме скоро 10 милиони добиено и сѐ уште ги немаме оправено работите, објаснува Иванов.
Тој вели дека проблемот не е во финансиските средства, туку во недостигот на кадар, на познавачи, негователи, луѓе од акција и посветеност.
- Најглавен фокус и поента во моментов од ЕАЗА е дека треба да работиме со zookeeper-и. Да го зголемиме бројот на луѓето што ќе работат со животни, да го едуцираме кадарот, затоа сега ни направат академии за да го едуцираме, но и да го мотивираме кадарот. Мотивацијата ќе ја направиме ние, а за едукацијата, академиите ќе ни помогне ЕАЗА, а за бројката ќе треба да бараме од власта да ни одобри вработувања, кои што понатаму ќе ни бидат за нови негователи во зоолошка. Таа свежа крв ако не ја ставиме, ќе си биде истата приказна, коментира Војо Иванов.
Во однос на тоа кога Македонија би можела да стане членка на ЕАЗА, Иванов вели дека иако директорот на зоолошката не сака да калкулира со термини и рокови, неговата лична проценка е дека може тоа да се случи во следната година. Нашата земја на патот до членство има свој ментор, Холанѓанец со големо искуство, кој помага, сугерира што треба да се подобри, што треба да се промени.
- Менторот прави проценка дека во следнава година ќе треба да направиме работи со кои ќе се докажеме, работи што ќе ги промениме и ќе треба да станеме членки на ЕАЗА. Но, ако на ова се застане нема да се сменат нештата, повторно зависи од луѓе, повторно зависи од нас, јас сум само 1 месец, директорот е 3 месеци. И двајцата сме прилично падобранци во системот и кога јас него му ги кажувам забелешките тој ми вика: „Па добро зарем заради ова не сме членки?“ Значи дури не му се верува, на еден менаџер кој доаѓа од друг сектор, како може за вакви банални работи да не се влезе во ЕАЗА од која има многу придобивки, потенцира Иванов во разговор за МИА.
Зоо негователот или како што самиот преферира да го користи терминот zookeeper, објаснува дека е голема штета што скопската зоолошка и покрај 90 годишното искуство „нема никакви записи, не постои архива, не постои публикација, не постои никаква книга збирка, нешто што како институција од едукативен карактер е издадена“.
- Во последниве 10 год се изгубени, уништени сите стари објекти на зоолошката, направени се нови, супер се, но зошто старите не се зачуваа како симбол на изминато време. Овде ги репарираат и чинат три пати поскапо отколку да направиш нов објект, само за да го зачуваат старото и утре да се гордееш со некоја историја, да раскажуваш приказни. На тој начин да едуцираш. Што да каже Белгија што во 70.те години имала црни луѓе и Азијати во зоолошките. Human zoos ги викале, тие меѓу зебри, жирафи и лавови, имале црни деца. Human zoos било многу популарно во Европа во 50.те, 60.те, веќе во 70.те години ги затвориле. Дури и сакале негователите да им се такви различни за да привлекуваат посетители и тие и ден денес го ставаат и го признаваат тоа, ја покажуваат еволуцијата , објаснува Иванов.
Со оглед на тоа дека на годишниот состанок на ЕАЗА имаше 830 учесници од 356 институции од различен профил, повеќето се државни зоолошки градини, некои од нив се приватни,а голем дел од земјите се веќе членки на ЕАЗА, освен некои од Балканот кои имаат статус кандидати за членство, Иванов за МИА вели дека конференцијата била особено корисна и за размена на искуство до колеги од Европа, разговори за прашања за кои информации не може да се најде на интернет, но и предавања на теми кои би помогнале да се подобри скопската зоолошка градина.
Во скопската зоолошка пристигнува Дуња, најголемата жива слоница во Европа.
Слоновите била една од темите на која се фокусирале нашите претставници на конференцијата во Атина, со оглед на тоа дека во Македонија за неколку дена пристигнуваат слонови за кои одговорен е токму Иванов.
Тој вели станува збор за две слоници, едната има 40, другата 50 години, особено тешки и карактеристични случаи, бидејќи речиси целиот живот го поминале во циркус, од 2015 биле во Белгија, но никогаш не успеале да се вклопат со другите слонови и не научиле повторно да го зборуваат јазикот на слоновите и практично се осудени да си го завршат животот сами.
-Тие се последните украдени од природа. После нив се забранува. Тие ја паметат нивната траума, а тоа е убивање на целата нивна фамилија. Се убива целата фамилија, бебињата се крадат, се носат 5-6 бебиња заедно. Никој не знае колку од нив преживеале, тие гледале и бебиња со нив како страдаат, па пота се донесени преживеаните, најсилните во Европа, па потоа биле ставени во циркус каде што биле малтретирани 30 години да настапуваат секоја вечер во 18 и 20 на една иста музика. Она што е второ интересно за нив е тоа што тие се последната двојка која што ќе живее заедно од 2 различни вида. Едната е од Африка, втората е од Индија, од таму ги украле. Африканската е мал шумски слон. Такви се многу ретки и ретко која зоолошка ги чува. И она што е трето интересно според Гинис, Дуња, азиската слоница што доаѓа кај нас е најголемата жива слоница во Европа, џиновска е, вели Иванов и додава дека токму со негата и со професионален третман на ваквите специфични слоници, Македонија во следните години може да добие голема почит од менторите од ЕАЗА.
Пингвинариуми, фламингоси, мешано живеалиште и фамилија шимпанза следните предизвици за скопската зоолошка
Во разговорот со дописничката на МИА од Атина, Војо Иванов говори и за следните предизвици на скопската зоолошка градина. За следната година е планирано е да се направат пингвинариум, за што, тој вели дека е голем предизвик за балканска земја, затоа што е многу комплицирано да се долови целата атмосфера, потоа да се направи лагуна со фламингоси.
- Мојата најголема точка како проект за следната година, што не сум сигурен дали ќе може да се реализира, но фокусот ќе го ставиме на тоа да биде mixed exhibit, тренди живеалиште, голема средина во која ќе има различни животни што потекнуваат од иста географска територија. Измешани многу животни кои можат да живеат во симбиоза, па да речеме савана, зебри, живеат заедно со антилопи, со ноеви со некои видови на желки, можеби бодликаво прасе, односно има птица, цицач, рептил, неколку видови на едно место, ова од една страна ќе биде многу едукативно, а од друга страна забавно за животните, раскажува Иванов.
До крајот на оваа година планирано е во Скопје да пристигнат фамилија шимпанза што никогаш не се случило во зоолошка. Меѓу нив е и Коко кој се враќа откако 10 години беше на рехабилитација во Холандија, но не доаѓа сам туку, како што вели Иванов, со него е и неговиот најдобар другар и 2 пријателки.
- Најмлад во друштвото е Коко и за него имаме нов кафез, ново живеалиште ќе го направиме да биде едукативно за да ги натераме луѓето да мислат на џунглата и како тие од Македонија и штетат на џунглата јадејќи банани, користејќи кафе, авокадо и сл, а идејата е да биде едукативен центар како ние од Скопје ја уништуваме секојдневно џунглата, објаснува Војо Иванов за МИА.