Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Берово склучија договор за доделување на средства за изработка на основен проект за фекална канализација со пречистителна станица во село Двориште.

Како што информираа од локалната самоуправа во Берово, проектот вклучува ревизија како и еколошки елаборат и проект за инфраструктура.

- Вкупната вредност на проектот чини 692 илјади и двесте денари од кои Министерството ќе донира 500 илјади денари а, останатите ќе бидат обезбедени од буџетот на општината. Целта на овој проект е изградба на главен колектор и приклучување на околу 240 домаќинства, самиот проект е дел од Стратегијата за ЛЕР на Општина Берово 2014-2019, а рокот за негова реализација е 6 месеци, рече градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски.

Според Пекевски, со проектот ќе се понуди решение на долгогодишниот проблем на жителите на село Двориште со што во понатамошната фаза ќе се спречи загадувањето на Дворишка река, која е главен реципиент на отпадните води во селото.

Село Двориште е беровско погранично, рурално, ридско планинско село со 750 жители кои воглавно се занимаваат со земјоделство и сточарство и е карактеристично по тоа што нема миграција на населението.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2018 14:57