Македонското еколошко друштво во соработка со спортските клубови „МТБ Исток“ и „Москито“ од Кочани го одбележа 23 септември - Денот на Зелениот појас.
По тој повод попладнево беше организирана велосипедска тура „По патеката на Железната завеса“ која ја следи границата меѓу поранешниот источен и западен блок, и поминува низ живописен спој на природата и историјата.
На планинскиот врв Сокол се одржа средба со градоначалниците на Кочани, Македонска Каменица и Крива Паланка – Николчо Илијев, Соња Стаменкова и Борјанчо Мицевски при што се разгледуваше иницијативата Осогово да биде прогласено за заштитено подрачје.
– Оваа тура е само една од низата активности за дополнителна промоција на вредностите на Осоговските Планини, кои се од национално и европско значење. Посакувам сите заеднички да дејствуваме и да дополнуваме уште многу природни и туристички локации на картата на овој прекрасен регион, истакна Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.
Заедничкиот став на градоначалниците е дека во наредниот период дел од Осоговските Планини треба да биде прогласен за заштитен предел и со тоа да се зачува биодиверзитетот, од една страна, и да се подобри животот на локалното население, од друга страна.
Нашата земја, како дел од иницијативата „Европски зелен појас“, трета година по ред го одбележува овој значаен ден и ја подигнува свеста на граѓаните за богатите предели коишто се дел од Балканскиот зелен појас.
Иницијативата „Европски зелен појас“ се стреми кон зачувување на значајните предели во Европа кои се зачувале благодарение на намаленото движење за време на Студената војна. Еколошката мрежа „Европски зелен појас“ поминува низ 24 европски земји.