Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти смета дека дијалогот со Србија можат да го водат единствено претставителни и легитимни институции, кои говорат во името на мнозинството граѓани на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти го повтори ставот на најголемата опозициска партија во косовското Собрание дека дијалогот не може да го води една малцинска Влада, чии дејствија се диктираат од волјата на малите партнери кои ја одржуваат на нозе.
- Премиерот нема никаква политичка моќ да го води овој процес, ниту пак има моќ да го делегира овој авторитет на некој друг. Јасно е дека може да зборува само во име на неговата партија, а не и на Владата, која е расцепкана во зони на интерес, напиша Хоти на Фејсбук.
Според шефот на пратеничката група на ЛДК, дијалогот може да го понесе единствено силна Влада, заснована на јасни мандати од Собранието на Косово, а тоа може да се постигне единствено со слободни избори.
Тој изрази оптимизам дека доколку се одржат нови избори, победник ќе излезе неговата партија.
- Во идната влада, предводена од ЛДК, ние ќе работиме колку и да е потребно со сите политички сили за постигнување консензус за дијалогот. Бидејќи овој процес не е работа само на една партија или само на Владата, напиша Хоти.