Секојдневно децата поминуваат барем неколку часа седејќи пред компјутер, користејќи го мобилниот телефон или гледајќи телевизија, што доведува до телесни деформитети, лошо држење на телото и зголемена телесна тежина. За да се надмине таквата состојба потребно е да се почне со спортување уште на рана училишна возраст. Раното откривање на спортскиот потенцијал е појдовна основа за тоа како детето понатаму ќе се развива на спортски план, но најбитно од се е што со спортувањето децата ќе имаат правилен раст и развој.
- Некогаш улиците биле место каде се одвивале детските игри, денес технологијата ги направи физички помалку активни, а сето тоа се одразува на нивната психофизичка, здравствена и ментална состојба, вели Ленче Алексовска–Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Со цел да се смени таа состојба и кај децата да се создадат навики за физичката активност од овој месец во скопските општини Центар, Карпош, Чаир, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром почна да се спроведува пилот проектот „тандем-партнер наставници“, односно да има одделенски наставник и предметен наставник на часот по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение.
Целта на проектот е подобрување на квалитетот на наставата по физичкото образование, односно унапредување на физичките способности, моторните вештини и знаења од областа на физичката и здравствена култура кај децата.
- Квалитетното физичко образование ќе придонесе уште во раната возраст децата да стекнат спортски навики, спортска социјализација, намалување на телесните деформитети, прекумерната телесна тежина и ќе биде сериозен фактор во борбата против пороците во современото општество, вели Алексовска Величковска, посочувајќи дека нема ништо повредно од здравјето на децата.
Со развивање на спортските навики од најмала возраст кај децата, како што посочи таа, ќе се трасира патот да бидат вистински здрави личности, а сето тоа ќе придонесе да имаме здрава младина, здрава нација и силна држава.
Истражувањата од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Филозофскиот факултет, Педагошкиот факултет, Јавното здравје и од други здравствени организации, како што рече Алексовска Величковска, покажуваат дека 60 до 70 отсто од децата имаат деформитети, односно искривување на рбетниот столб, рамни табани...
Тоа е уште еден аларм децата да се поттикнуваат на физичка активност за да бидат здрави и среќни.
Алексовска Величковска рече дека како рол-модел на нашиот проект „тандем-партнер наставници“ ќе биде земена Словенија, која веќе 15 години го практикува овој модел и ги има бенефитите по здравјето на децата низ развојниот, рекреативниот и врвниот спорт.
На ист став е и заменик министерот за образование и наука Петар Атанасов. Тој вели дека e потребно од најрана возраст, особено преку основното образование, да се води целосна грижа за учениците.
- Физичката култура е важна за здравјето на децата, но треба да се внимава и на емоционалната состојба и токму овој проект „тандем-партнер наставници“ ќе го овозможи тоа, рече Атанасов.
Елизабета Томевска–Илиевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет, која е и дел од тимот на експертската група за реформите во основното образование, вели дека процесот на реформи е во тек и оти ќе биде потребен период за нивна целосна имплементација од наредната година.
Таа посочи дека моделот „тандем-партнер наставници“ веќе добро функционира и е добра практика во голем број наставно-образовни системи во нашето опкружување, но и во други земји членки на ЕУ.
- Ова е многу значајно затоа што само на тој начин ќе имаме правилен раст и развој на децата што е многу значајно за да може да се превенираат деформитетите, рече Томевска–Илиевска.
Концетот за основно образование што се предлага да биде реалност од наредната учебна година, како што истакна Томевска Илиевска, предвидува еден од одморите помеѓу наставните часови да се изведува во училишниот двор преку организирање на различни игри, а не во училниците и училишниот холови.
Заменик министерот за образование, Атанасов вели дека „тандем реформата“ која беше најавена од претходната министерка за образование и наука Рената Дескоска, како и останатите реформи, се во фаза на реализација, но за целосна имплементација ќе треба да се почекаат измените на Законот за основно образование.
Универзитетски професори, кои се дел од тимот на експертската група за реформите во основното образование, се едногласни дека е потребно враќање на спортскиот дух и здравиот начин на живеење во основното образование. Сметаат дека голема улога имаат и родителите, кои треба да ги мотивираат своите деца да имаат спортски активности, преку рекреативна посета на спортски клубови, да возат велосипед или да пешачат.
Проектот од програмата Ерасмус + „Подобрување на квалитетот на физичкото образование на ниво на основно образование и презентирање на неговата важност и значење за здравјето и доброто на генерациите кои доаѓаат“ е во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) при Универзитет Св. Кирил и Методиј од Скопје заедно со Бирото за развој на образование – МОН, Универзитетот од Љубљана, Факултет за спорт-Република Словенија и Нациналната Спортна Академија од Софија, Република Бугарија.
Даниела Маркоска Алексовска