Гевгелиските советници на денешната седница направија измена и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на општина Гевгелија со што ја утврдија и висината на надометокот за уредување на градежно земјиште за ветерници за производство електрична енергија која ќе изнесува шест милиони денари по поставена единица.
Од Советот образложија дека потребата за утврдување на новиот надоместок се наметнала откако Владата на РМ го распишала огласот за изградба на ветерници за производство на електрична енергија во јужниот дел од земјата.
Покрај ова, по извршената легализација на бесправните објекти и поднесени барања за легализација во населените места каде што нема урбанистички планови, советниците донесоа одлуки со кои ја утврдија потребата од донесување на урбанистичко планска документација во неколку населени места во општина Гевгелија за да им се излезе во пресрет на поднесителите на барањата за легализација на изградените објекти.