Со манифестацијата „13 песни за 13 величествени“ и отворање на изложбата „Преспански ликовни мотиви“ завршува септемвриската културна програма на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

Во пресрет на „Преспанскиот јаболкобер“, со кој на Крстовден официјално ќе почне бербата на јаболката во Преспа, Домот на културата во Ресен понуди богата културна програма.

Директорот Васко Василевски рече дека ресенската публика вечер ќе ужива во манифестацијата „13 песни за 13 величествени“ со која почнува и програмата за „Преспанскиот јаболкобер“, а утревечер ќе биде отворена изложбата на ликовни дела со мотиви од Преспа.

Тој смета дека понудената програма со различни содржини ги задоволила вкусовите на ресенската публика. Ја издвои промоцијата на книгата „Ноемвриски крстосници“ на Сања Мучкаева-Видановска, концертот на учениците од Школата за пијано и групите „Инстинкт“ и „Акустик бенд“, како и вечерашниот настап на „Распеани ресенчани“.

На радост на помладата публика, рече Василевски, се одржа голем поп-рок концерт на учениците од Школата за пијано, заедно со групите „Инстинкт“ и „Акустик бенд“, кои изведоа поп и рок-хитови од „Леб и сол“, „Парни ваљак“, „ЕКВ“ итн..., а публиката во дворот на ресенскиот Сарај уживаше во понудениот музички избор.

- Ако овој концерт се одржа на радост на помладата публика, уште вечерва продолжуваме со музика за повозрасната генерација, потсетувајќи се на легендарната староградска група „Распеани ресенчани“. Во чест на 13-те членови на оваа група, ќе биде одржана староградска седенка и повеќе изведувачи ќе настапат со песни од „Распеани ресенчани“, истакна Василевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2018 13:09