Во Гостивар синоќа започна манифестацијата „Нов културен бран" со презентација на сработеното од проектите „Заедно кон Европа" и „Заедно под отворено небо“.

Изминативе пет дена талентирани средношколци менторирани од своите професори преку уметноста се дружеа и стекнуваа нови знаења и вештини. Тие беа дел од мултикултурни работилници, куклен театар и создаваа ликовни дела. Проектот „Заедно кон Европа" го реализира Здружението за култура и уметност „Силиндарт", со финасиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

За првачињата од гостиварскито регион, во Ценатрот за култура „АСНОМ“ се одржа куклената претстава „Црвенкапа“, која се изведе на македонски, албански и турски јазик. Куклите за претставата ги изработија средношколците, кои беа вклучени и како актери.

- Учесниците, освен што се дружеа, имаа можност да научат нешто ново и да ја развиваат креативноста. На овој начин им овозможиме убава атмосфера и интересни активности во нивниот град, за да не размислуваат да заминуваат во странство, како што е случај со години наназад, изјави Бурхан Амети, претседател на „Силиндарт“.

Учесниците синоќа го промовираа мозаикот во близина на мостот до Основниот суд во Гостивар, а беше отоврена и изложба на ликовни дела кои заеднички ги создаваа.

Советот на млади од општина Гостивар се приклучи кон овие активности со проектот „Заедно под отворено небо“. Синоќа се одржа музичка вечер со настап на локални артисти и културно-уметнички друштва, а за денеска во летниот амфитеатар планирана е поетска вечер со учество на членовите на Клубот на млади поети.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2018 18:35