Општина Охрид преку Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ денеска почнаа со активностите за расчистување на дивата депонија за цврст отпад кај локацијата „Мауцкер“.

Предвидено е порамнување на околу 16 илјади метри квадратни површина на која е одлаган градежен шут, како и тампонирање на 7.000 метри квадратни со 2.500 метри кубни квалитетна земја. Исто така, предвидено е пет илјади кубици градежен шут да биде дислоциран на друга локација во рамки на депонијата „Мауцкер“.

Директорот на „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски, истакна дека после завршувањето на активностите за санација на локацијата служби на претпријатието ќе се грижат да не се одлага повторно отпад на локацијата.

- За жал, изминатиот период на граѓаните не им беше дадена алтернатива за депонирање на градежниот шут. Единствена алтернатива беше одлагањето во депонијата „Буково“, меѓутоа тоа не е соодветна алтернатива, бидејќи за мала количина не им се исплаќа да одат до таму и градежниот шут го оставаа крај самите контејнери. Меѓутоа, со депонијата „Мауцкер“ тој проблем ќе биде решен, додаде Грданоски.

За градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, со денешните активности отпочнува решавање на еден од горливите проблеми на општината, а тоа е решавање на депониите.

- Во моментов ја изработуваме физибилити студијата, која што сметам дека на долг рок ќе биде една од алтернативите за комплетно решавање на ситуацијата со отпадот во нашиот град и со тоа ќе имаме еден правилен план за управување со отпадот. Во тој дел е содржано расчистување на дивите депонии, од кој што две главни се „Мауцкер“ и „Буково“. Во втората фаза имаме разрешување на градежниот шут и во третата фаза, веќе сметаме според резултатите од физибилите студијата да се инвестира самостојно или партнерски во планското управување со отпадот, изјави Стојаноски.

Расчистувањето на дивата депонија е поддржано и со финансиски средства обезбедени преку ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање, во чии рамки е предвидено уредување на вкупно осум такви локации.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2018 18:03