Четворица велосипедисти, почитувачи на името и делото на Тоше Проески, денеска пристигнаа во Крушево по повеќе од 900 километри поминати на велосипед во чест на нашиот пејач.
Велосипедистите Драган Јованов, Тони Стефанов, Маријан Хаџи Мустафов и Ѓорѓе Белевски се од Кавадарци кои пред седум дена го започнаа патешествието од Нова Градишка, Хрватска во чест на Тоше, за денес, околу 14 часот, да пристигнат во Крушево.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски преку социјалните мрежи порача дека е чест што ги пречекува овие упорни луѓе и најави дека Крушево ќе продолжи да го чува и да го промовира она што Тоше Проески го остави.
- Како Градоначалник на општина Крушево ми беше чест и огромно задоволство да ги пречекам овие наши промотори и амбасадори на Крушево после поминати толку километри и во разни временски услови пред Спомен-куќата на Тоше Проески. Преку организација на вакви и други настани културни, музички и спортски настани ќе продолжиме и понатаму како општина да го негуваме ликот и делото на нашиот Тоше, порача Христоски.