Комплетното реновирање на градинката „Аличаир“, како и инсталирањето нова опрема во кујната во градинката „Гоце Делчев“ во Прилеп беше повод градоначалникот Илија Јованоски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и со претседателот на општинскиот совет Миле Талевски, да ги посетат двете детски градинки.
Според Орце Тодоровски, в.д директор на ЈОУ „Наша иднина“ од Прилеп, во чии рамки е прилепската градинка „Гоце Делчев“, вели дека е целосно обновена кујната што овозможува подготовка на 1.500 оброци дневно, а комплетно е реновирана и градинката „Аличаир“.
- Комплетно е сменета целокупната водоводна и електрична инсталација, купени се нови казани за готвење чија вредност е 470.000 денари, а целата инвестиција во градинката „Гоце Делчев“ изнесува 690.000 денари. По 35 години се инвестира и во градинката „Аличаир“, каде се комплетно сменети дограмата и покривот, целосно се уредени дворот и оградата, а извршено е и молерисување на оваа, како и на градинката „Бончејца“, изјави Тодоровски.
Градоначалникот Јованоски истакна дека исто како и досега, општина Прилеп и натаму ќе инвестира во подобрувањето на условите во сите објекти на јавната општинска установа, детска градинка „Наша иднина“.
- Она што го прават вработените во сите детски градинки во Прилеп е за поздравување, зашто нивната работа е на високо ниво и задоволството кај родителите чии деца престојуваат во градинките е големо. Ја истакнувам благодарноста за општествената одговорност која ја покажуваат одредени фирми преку донирање средства за градинките, како што се „Гентерм“, „Микросам“ и „Ротари клубот“. Нашата соработка со јавната установа „Наша иднина“ ќе продолжи и општина Прилеп стои на располагање за сите работи кои им се потребни на прилепските градинки, изјави Јованоски.