Со долготраен и громогласен аплауз фудбалската легенда Благој Истатов беше испратена во вечното почивалиште на денешната комеморација што се одржа во Струмица.

Членови на семејството, претставници на Владата на РМ, пријатели, спортски работници, поранeшни фудбалери и граѓани на Струмица се простија од прославениот голман на струмичка Беласица, Победа од Прилеп, Партизан од Белград и холандски Утрехт, како и тренер на повеќе клубови и на голманите на македонската репрезентација, кој почина вчера во 71 година од животот.

За ликот и делото на Благој Истатов на комеморацијата зборуваа: Томе Семенков - негов другар од Струмица и поранешен фудбалер, Васил Тупурковски - претседател на Македонскиот олимписки комитет, Ѓоко Хаџиевски - тренер и поранешен селектор на репрезентацијата, Бошко Трпевски - спортски новинар и сопственикот на ФК Беласица - Славчо Васков-Пинда.

Во своето обраќање претседателот на МОК, Васил Тупурковски, истакна дека Истатов беше член на Собранието на МОК и беше еден од вистинските асови на македонскиот спорт.

- Тој беше извонреден спортист и спортски ас. Нашите срца се хранат кога ќе кажеме дека некој од Македонија бил спортски ас на светската спортска сцена. Денеска тоа е многу ретко, а порано беше повозможно и затоа живееме со идеа дека ќе се роди некој нов што ќе го направи тоа што го направи Благој низ сите спортски меридијани, рече претседателот на МОК, Васил Тупурковски.

Благој Истатов ќе бидат погребан попладнево на Градските гробишта во Струмица.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2018 14:18