Екипи на ЈП „Улици и патишта“ - Скопје почнаа со асфалтирање на улицата „Јуриј Гагарин 6“, во населбата Козле. Станува збор за реконструиран коловоз во должина од 35 метри.
На заедничка прес-конференција градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев и директорот на ЈП „Улици и патишта“ Сенад Смаиловиќ се осврнаа на поголемиот број инфраструктурни зафати што се реализираа во Карпош.
- Во изминатава недела со ова јавно претпријатие преку Договорот за меѓуопштинска соработка го направивме и пристапниот пат кај комплексот згради Порта Козле. Овој пат претставуваше вистинска потреба за граѓаните од овој дел на Карпош, со цел да им се олесни пристапот до нивните живеалишта, но и да се зголеми безбедноста на целиот потег, рече Богоев.
Тој информира дека се обезбеди и инфраструктурно поврзување на сервисната улица „Прашка“ со булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во населбата Тафталиџе, со што се обезбеди поголема сигурност и пристапност за граѓаните кои живеат во овој дел од Карпош.
Смаиловиќ потенцираше дека ЈП „Улици и патишта“ ќе ја продолжи соработката со општина Карпош и во другите урбани заедници.