На спортскиот аеродром кај Прилеп денеска и утре по 18-ти пат се одржува Светски куп на воздухопловно моделарство. Над 80 натпреварувачи од 13 земји викендов ги покажуваат своите вештини во летови со моделирани летала.
Според директорот на Купот и претседател на прилепскиот аероклуб „Феникс“ Здравко Тодороски, Прилеп веќе 18 години ги одржува светските купови и годинава е најсилна конкуренцијата зашто има европски и светски јуниорски и сениорски прваци, а теренот е идеален и еден од ретките на Балканот.
Оваа година, рече, ги одржувааат Светскиот куп Прилеп „Трофеј на Прилеп“ и Светскиот куп Македонија, а годинава конкуренцијата е најсилна зашто се натпреваруваат најпознатите светски прваци во воздухопловно спортско моделарство.
- Се летаат воздухопловни модели од класата на слободен лет во три категории за јуниори и сениори. Тука се европските екипни и поединечни, како и светските прваци. Дојдени се репрезентациите на Русија, Шведска, Бугарија, Србија и сите кои се врвни во светот на овој спорт. Спортскиот аеродром кај Мало Коњари и годинава ги понуди врвните квалитети - местоположбата, метеоролошките услови, а минималните ветрови се идеални за летање, зашто се движат до 2 метри во секунда. За странските натпреварувачи тоа е огромно задоволство, зашто во нордиските земји, во Русија, во Панонскиот дел ветровите се движат од 6 до 8 метри во секунда. Овде постигнуваат високи резултати. Имаме и голем број македонски натпреварувачи и располагаме со квалитетни спортисти кои се подготвени за врвни резултати, изјави Тодороски.
Натпреварувачите велат дека со години доаѓаат од љубов кон овој спорт, за дружење и, секако, заради условите и одличната организација.
- Првпат во Прилеп дојдов дамнешната 1975 година и оттогаш непрекинато доаѓам. Домаќините се пресретливи, теренот е одличен. овде веќе се одржани јуниорското европско и светско првенство. Се натпреварувам во две дисциплини: во класите гуменици и едрилици. Нашата екипа лани беше светски првак во класата гуменици, а годинава е европски првак. Посебно е задоволството зашто имаме убаво дружење. Се надевам дека младите ќе не наследат. Посебен е овој спорт, од елементите на изградбата на моделот и предизвик е моделот да лета, да постигне добар резултат. Тоа сигурно ги привлекува и младите, рече Радое Благоевиќ од аероклубот „Војка“ од Србија.
- Со овој спорт се занимавам од три години. Мајстор на спортот сум за 2017-та. Многу го сакам овој спорт. Посебно е чувството и задоволството кога лета моделот, одушевено објаснува Ванеса Вескова од Бугарија
- Во овој спорт ме воведе татко ми. Овде во Македонија теренот е одличен и секогаш временските услови се идеални и затоа сакаме да доаѓаме, изјави младиот Бојан Гостоиќ од Србија
- Ги летам моделите речиси целиот мој живот. Спортот бара физичка подготвеност, техничко знаење и тоа е одлична комбинација за мене. Овде е одлично времето, условите за летање. четврти пат сум тука, рече Перл Финдал од Шведска.
Ннатпреварите се денеска и утре. На крајот судиите кои ги следат резултатите ќе ги прогласат најдобрите јуниори и сениори на Светскиот куп на спортскиот аеродром кај Прилеп.