На граничниот премин „Делчево“ денеска пристигна донација вредна 300.000 евра, наменета за здравствениот дом „Гоце Делчев“. Донацијата во понеделник ќе биде доставена во делчевската болница.

Градоначалникот на општина Делчево Горан Трајковски изрази благодарност до Шведската хуманитарна организација „Хенд тил хенд“ на чија иницијатива се реализира активноста.

- Со оваа донација техничкиот капацитет на Здравствениот дом во Делчево во голема мера ќе се зголеми. Од друга страна сите инструменти кои се дел од донацијата ќе бидат достапни за нашите граѓани кои овде ќе можат да извршат одредени медицински услуги и со тоа да го одбегнат патувањето во другите центри, во Кочани, Штип или Скопје. Огромна благодарност до донаторите Кралството Шведска како и до самите чинители кои помогнаа оваа донација да стигне во Делчево, тоа се невладината „Хенд тил хенд““ како и стручниот соработник на локалната самоуправа, рече Трајковски.

Ова е четиринаесетта донација на Шведската невладина организација на територијата на Република Македонија.

- Ние носиме донација со опрема за болницата во Делчево, која се состои во медицинска опрема, рентген и друг вид на апарати, болнички кревети, разни помагала и постелнина. Донацијата е во вредност од 300.000 евра и за да ја донесеме овде имавме голема поддршка од градоначалникот Трајковски и неговите соработници и се надеваме дека и понатаму ќе имаме успешна соработка, рече хуманитарката Марија Русенгрин.

Во знак на благодарност и одличната соработка, градоначалникот Трајковски на претставниците на шведската невладина организација им додели плакета.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2018 20:33