Манастирот „Свети Георгиј Победоносец", во дебарското село Рајчица, ја одбележа манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов - Крстовден.
Одбележувањето почна синоќа со свечена и празнична вечерна богослужба, на која на крај проследен од стиховите на празничниот тропар и раскошно украсен со цвеќе, беше изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно внесен во олтарот.
Денеска беше отслужена утрената богослужба на која од светиот Престол, од олтарот, беше изнесен сребрениот филигрански крст, во кој е вметнат крстот од времето на игуменот Арсениј со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир.
По чинот на Воздвижение на крстот, верниците се поклонија пред Живоносното и спасително Дрво на Господ Исус Христос. Потоа беше одржана Света Божествена Литургија.
Со службите и литургијата чиноначалствуваше Архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир во сослужение со братството од Бигорскиот манастир и сестринствата од манастирот во Рајчица и манастирот „Света Пречиста Кичевска“.
- Верата е потребна за да не бидеме изгубени. Ако имаме вера, Господ секогаш ќе биде со нас. Крстот е дел во христијанскиот живот од раѓање до смрт, тој е оружје на мирот. Возљубени мои, нека светиот Крст, преку силата му од Бога дадена, ве чува и заштитува, порача меѓу другото отец Партениј.
И покрај студеното време, невообичаено за овој период од годината на одбележувањето присуствуваа голем број верници од повеќе градови од државава, како и поранешни жители на Рајчица и нивни потомци.
По Света Божествена Литургија во дворот на манастирот беше извршен чинот на осветување на погачата, подготвена од годинешната кума Билјана Момчиловска-Митревска од Битола, како и водата, од кои за здравје добија верниците.
- Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, е празник на христијанското општество, кое опстојува низ вековите благодарение на непобедливата сила на Крстот, празник чија благодатна утеха ги поткрепува сите Христијани. Нека силата на Чесниот крст не одржува во христијанството, нека даде добро за сите, благоостојба, мир, посака Момчиловска-Митревска.
Кумството од неа го превзедоа Рада Димитровска и Рада Бошковска, попозната како баба Рада, и двете од Скопје.