Во прилепскиот Економски факултет денеска се одржа првиот академски час со бруцошите на факултетот. Успешна академска година им посакаа заменик-министерот за образование Петар Атанасов, ректорот на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ Сашо Коруноски, во чиј состав е Економскиот факултет, деканот на факултетот Драгица Оџаклиеска, како и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Според заменик-министерот за образование Петар Атанасов, кој нагласи дека со новиот Закон за високото образование 1 октомври е вратен како студентски ден. Основна е целта, смета Арсов, на младите да им се овозможи квалитетно образование и можност својата кариера да ја остварат во државата. Со заеднички заложби со универзитетите државата може да помогне.
- Големо е задоволството да се отвори првиот академски ден за студентите на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и воедно на Економскиот факултет во Прилеп каде студентите со години и децании стекнувата нови знаења, а Битолскиот универзитет секако дал многу на Република Македонија. Со новиот Закон за високото образование го вративме 1 октомври како студентски ден и се надеваме дека сите оние концепти во законот ќе станат реалност и стварност. На бруцошите им ја честитаме новата студенстска година со желба високото образование да стане расадник на млади луѓе кои ќе не водат напред и еден ден ќе ги преземат своите обврски за Македонија да стане просперитетно општество, рече Атанасов.
Тој додаде дека јавните Универзитети имаат поддршка преку буџетот на Република Македонија, а може дополнително да се вложува и во инфраструктурата, наставата и во се што е студентско секојдневие.
Според него има простор за подобрување на квалитетот. Студентите, додаде, најчесто сонуваат своите кариери да ги поминат на други простори, но наша главна политичка цел е на младите да им овозможиме подобро и поквалитетно образование за да останат во државата, а оние што се надвор, најдобрите, да ги вратиме, што значи државата може многу да помогне.
Деканот на прлепскиот економски Факлултет, Драгица Оџаклиеска нагласи дека ова е 58-ма генерација студенти. Бруцоши се околу 200, а на студиските групи се околу 800 студенти.
- Студиските програми на факултетот се атрактивни и приспособени на потребите на стопанството, а наставниот кадар целосно е посветен на усовршување на знаењата на студентите со примена на најсовремени наставни методи. Отворени сме за соработка со стопанството и со бизнис заедницата. Инаку, за студентите најатрактивни се насоките светководство и финансии и банкарство и финасии, изјави Оџаклиеска.
На новите студенти и идни економисти успешни студии им посака и Сашо Коруноски, ректор на универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола во чиј состав е прилепскиот економски факултет.
Во рамките на Универзитетот се 11 факултети, студираат 8 500 студенти, а бруцоши се 1 300.
- Го започнуваме првиот академски час на економскиот факултет во Прилеп со надеж дека сите кои ни го довериле своето образование во наредните три-четири години ќе бидат задоволни од трудот и напорот на целиот кадар на Универзитетот и дека ќе ги постигнат своите цели за успешна професионална кариера која ќе им овозможи градење на просперитетна држава. Општествено сме одговорни било преку образованието на кадри и преку поврзувањето со бизнис и небизнис секторот, рече Коруноски.
За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски е битен успешниот старт на студентите, а локалната самоуправа разговара со стопанствениците за да ги стипендираат младите.
- Им посакувам на студентите успешно да стекнат нови знаења и да се најдат на пазарот на трудот и да добијат вработувања. Неодамна разговаравме со стопанствениците да ги стипендираат и средношколците и студентите да ги добијат посакуваните кадри кои им недостасуваат, рече Јованоски.
Според студентите на Економскиот факултет најбитно им е да стекнат висококвалитетни занења, успешни да бидат на пазарот на трудот, а голем дел себе си се гледаат, најмногу, во приватниот сектор, со можност да отворат сопствена фирма.