Наредните два дена во Охрид ќе одржи 10. јубилејно издание на „Вигор Бармен купот“, најголемото натпреварување од тој вид во Македонија.

Учесниците на натпреварувањето што ќе се одржува во кафе-барот „Куба Либре“ во Охрид ќе приготвуваат коктели во категоријата „класика“, а реномирано жири составено од еминентни експерти од Хрватска ќе ги оценуваат нивните техники на подготовка и самите коктели. Жирито ќе ги оценува и бојата, вкусот и мирисот на секој коктел, што дополнително го прави натпреварувањето своевиден коктел-предизвик.

Според агендата, атрактивното натпреварување започнува утре во 10:30 часот со пријавување и регистрација на натпреварувачите, а полуфиналето почнува напладне. Пред самиот почеток на натпреварувачкиот дел презентација ќе имат неколку од најдобрите македoнски бармени кои ќе ги прикажат своите таленти и вештини. Купот завршува со финалето што ќе се одржи на 3 октомври во 12 часот.

Интересно за публиката, покрај тоа што ќе бидат забавувани од Мартин Најтинајн, е тоа што сите коктели кои ќе се направат за време на натпреварот може да бидат бесплатно дегустирани. Задолжени за музичкиот дел од настанот ќе бидат Robbie Ray the LED Robot и Mirror Man. Исто така, публиката ќе ја забавува и Марио Мајцен, повеќекратен хрватски шампион во флер - атрактивно подготвување коктели.

Актуелен шампион во приготвување коктели во категоријата „класика“ е Васил Пеевски од Скопје, победник на ланскиот куп одржан во Куманово.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2018 19:06